„Светлоста на животот“ продолжува со хуманитарна поддршка за децата и нивните семејства

alternative

Продолжува успешната соработка со Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, со цел обезбедување финансиска помош за семејствата кои се соочуваат со тешкотии при покривање на трошоците за лекување на своите деца.

Претставник на хуманитарната невладина организација „Светлоста на животот“ оствари официјална посета на Универзитетската клиника за детски болести при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што се одржа работна средба со директорот на клиниката, д-р спец. Реџеп Мемеди, како и со претставници на финансискиот менаџмент на здравствената установа.

Во рамките на средбата беа разгледани досегашната соработка, реализираните хуманитарни активности и можностите за нејзино понатамошно унапредување. Посебно внимание беше посветено на финансиските предизвици со кои се соочуваат одредени семејства, особено родителите кои поради ограничени финансиски можности не се во состојба самостојно да ги покријат трошоците поврзани со болничкото лекување на своите деца.

Станува збор за трошоци поврзани со различни медицински третмани, вклучително и хемотерапевтски третмани, лекување на сериозни детски заболувања и други неопходни здравствени услуги.

Како дел од својата континуирана хуманитарна мисија, организацијата „Светлоста на животот“ обезбеди финансиски средства за подмирување на неподмирените болнички обврски на семејства кои се соочуваат со финансиски потешкотии. Средствата се обезбедени преку хуманитарните активности на организацијата и благодарение на несебичната поддршка на нејзините хумани луѓе.

Оваа иницијатива претставува уште една потврда за посветеноста на организацијата кон хуманоста, солидарноста и општествената одговорност. Преку ваквите активности, „Светлоста на животот“ настојува да придонесе за намалување на финансискиот товар врз семејствата и да им овозможи на родителите своето внимание првенствено да го насочат кон здравјето, лекувањето и закрепнувањето на своите деца.

Хуманоста и солидарноста како темел на нашата мисија

Во изминатиот период, хуманитарните активности на „Светлоста на животот“ бележат зголемен интензитет, благодарение на посветеноста на членовите, надворешните соработници и бројните поддржувачи на организацијата.

Нивниот придонес, заедно со довербата и великодушноста на хуманите луѓе, овозможува континуирано спроведување на хуманитарни иницијативи насочени кон помош на најранливите категории граѓани, особено на децата на кои им е неопходна медицинска грижа.

„Светлоста на животот“ останува цврсто посветена на својата мисија – да биде поддршка за оние на кои помошта им е најпотребна, да поттикнува солидарност и да создава позитивни промени во заедницата.

Упатуваме искрена благодарност до сите наши хумани луѓе, членови и соработници кои со својата хуманост и несебична поддршка овозможуваат ваквите иницијативи да станат реалност.

Затоа што секое дете заслужува шанса за здраво детство, а ниту едно семејство не треба да биде оставено само во борбата за здравјето на своите најмили.

КОНТАКТ

Стапете во контакт со нас

Ние сме отворени за соработка. Секогаш спремни да помогнеме.